(„Жените на Ибзен“ – Автор и актерска интерпретација, Мирел Кнез; режија, Ник Апер; изведба на Скупифест 2019 г.)

Во монодрамата „Жените на Ибзен“ вешто се преплетени три женски антологиски ликови и нивните судбини во кои се зборува за женската еманципација, за правото на избор на жената кога ќе се најде во невозможни ситуации. Притоа, особено е важно да се подвлече дека овие три жени од драмите на Ибзен со своите постапки ги кршат востановените општествени норми. Оттука и скандализирањето на јавноста во времето на нивното настанување. Сега по стотина години преку оваа монодрама, актерката, а воедно и автор на драматизацијата, Мирел Кнез, прави, така да се каже, една софистицирана „прошетка“ низ драмите на Ибзен и во исповедна форма покажува, дека борбата за женската еманципација не е завршена…

Режисерот, Ник Апер сесрдно и помага на актерката во обликувањето на оваа монодрама. Но, тој тоа го прави со сосем дискретна интервенција на одвојување на три сцени и премините од еден во друг лик (Тоа се постигнува со играта меѓу завесата од белиот тил, потем пред него и најпосле – без него), како и со светлото и најпосле музиката (Кристијан Виднер) со која се заокружува претставата.

Мирел Кнез манифестира особен суптилитет во обликувањето на трите лика, Елида, Нора и Хеда. Тоа, всушност, може да се следи и како еден, единствен лик во три различни ситуации. Кнез, притоа не допушта да биде заведена од трагичните судбини на споменатите жени, туку сосем трезвено и разложно ја плете сценската приказна без патетика.

Со својата појавност, со убавата дикција и со изборот на соодветното темпо и ритам (заедно со режисерот, Апер), таа создва колоритен лик кој плени и восхитува.

 Во претставата еднаш доминира копнежот (Елида), друг пат изневереност од сопствениот сопруг, не е важно од кои причини (Нора), и најпосле тука и е трагичното недоразбирање и неснаоѓање во светот на мажите, кога (Хеда), ќе крикне „во бол и бес“ и ќе си пука во слепоочницата. Како ехо на античката Медеја. Ќе се самоубие носејќи го во смрт и детето во утробата. Крај. Паѓа на штиците што овој пат значат – смрт!

Претставата „Жените на Ибзен“ е убав пример на жанрот на монодрамата со лирска интонација и поетичност, со многу нежност и сомилост кон хероините/та во креацијата на актерката, Мирел Кнез.

Браво!

Leave a Reply