Тринаесетото издание на Меѓународниот театарски фестивал СКУПИФЕСТ, како и најголемиот дел од досегашните изданија, минува без определба за издвојување на некој посебен концепт, туку со отворени можности за учесниците во бирањето на своите претстави. На овој начин тоа е своевидно отворање на различни можности за публиката да избира што сака да гледа.

Годинава, фестивалот за отворен го прогласи министерот за култура во Владата на РСМ, Хусни Исмаили нагласувајќи дека оваа манифестација е уште едно камче во мозаикот на културните случувања во земјата, можност за запознавање на она што се случува на полето на театарот и во другите земји и средини. Годинава гости на фестивалот се драмски уметници од Косово, Бугарија, Русија, Словенија, Србија, Албанија и од Македонија.

На првата фестивалска вечер настапи Националниот театар на Косово од Приштина со претставата „Карневалите на Корча“ од Спиро Чомора во режија на Алтин Баша. Гостите од Приштина сцената ја исполнија со многу ведрина, со претставата во која се преплетуваат и доплнуваат битовата драматика и ренесансната комедија („Комедија дел арте“) со убави и впечатливи актерски креации, со функционална сценографска рамка и со особено колоритни и раскошни костими. Преку споменатите елемнти успешно се доловува карневалската атмосфера овој пат врзана за Корча, но со карактеристики кои имаат и далеку поуниверзално значење и пораки.

Театарот „Взраждане“ од Софијасе претстави со една камерна варијанта на антологиското дело на Чехов, „Вујко Вања“ докажувајќи дека нема граници кога е во прашање инсценацијата на драмската класика. Интересно е да се види како сложените и деликатни односи на ликовите во оваа драма се компримираат на сосем мал простор, без притоа да „настрадаат“ од прекумерната близина и ограниченост на движењата. Напротив, би можело да се каже, дека во ваквата постановка е скратена можноста за дисперзација на енергијата која струи од сцената и нејзина концентрација. прегледно и концизно. И покрај исцелизираните актерски креации, овде останува дилемата окулу кастингот на ролјите, но тоа останува во доменот на режискиот концепт…

Театарот „Кај мостот“ од Перм – Русија, инаку чест гостин и учесник на фестивалот, овој пат настапи со пиесата „Осамениот Запад“ од истакнатиот ирски автор со светско реноме, Мартин Мекдона. Режисерот Сергеј Федотов, покажува еден прилично оригинален прочит на пиесата на Мекдона кој е во корелација и спој/врска помеѓу минатото и сегашноста. Всушност, нивната изведба како да покажува дека процсите што се одигруваат во современиот глобален свет ги бришат разликите помеѓу Западот и Истокот, а сите ние стануваме заробеници на една иста (погубна) дехуманизација и деконструкција. Светот на Мекдона, но и претставата на Театарот „Кај мостот“ се на иста линија овие глобални процеси да ги прикажат токму преку судбините на малите загубени, исплашени, често и очајни поединци на кои, ни на крај памет не им паѓа  и не се свесни што им се случува. Оттука и комичните сцени и црниот хумор доминираат во оваа претстава. Доминатниот впечаток кој го сугерира оваа изведба е дека, како светот да ита кон својата пропаст, кон провалија, небиднина и крај на цивилизацијата…Онтолошката осаменост на поединецот е сам мал знак на предупредување, дека на светот, односно нам, лошо ни се пишува!

Покет театар Студиото од Љубљана, Словенија настапи со монодрамата „Жените на Ибзен“ во режија на Ник Апер, а во интерпретација на Мирел Кнез. Беше тоа убаво и симпатично оставрување за една инстант средба со делото на Ибзен. Оваа средба алудира на фактот дека токму преку женските ликови во неговите драми тој покренува лавина од реакции во свое време и иницира бран на промени во драмската литература и поместување на границите. Станува збор за тоа дека се симнуваат разните доминирачки табу теми што владееле во општеството и на големо започнува процесот на феминизмот. Гостинските драмски уметници од Словенија на крајно рационален начин и со минимални средства постигнуваат максимален ефект. Мирел Кнез е крајно суптилна и крајно сугестивна преку својата креација. Нејзината силина е во едноставноста и строгата дозираност на се што прави на сцената. Плени, како со својата појавност, така и со својата дикција, со лирската интонација…Едноставно, таа танцува по сцената лавирајќи помеѓу копнежот, мечтите, очајот…

„Кири и Клодел“ на Пулс театарот од Белград, замислена како стилска вежба со драмски последици во својата целина донесува концепт за еден вид на автореференцијален театар и претстава на што упатуваат насоките дека

покрај насловните ролји тука играат и Дидаскалистите (затоа што вистината е секогаш во заградите), а местото и времето на одвивање на дејството се исто така, колку оригинални, толку и експериментални, а најмногу метафорични и симболични: празнина со поглед на Ѕид е местото, а Времето е она на подигање на ѕидови?! Меѓутоа, добрите намери и оставрувањето на овој интригантен театарски чин, остануваат на половина пат. Изведбата е скромна, недоречена, „млака“ за да забразди и да остави позначајни траги во судирот меѓу Верата и Револуција. Поставените тези, за жал, остануваат само тоа, а нхе и некој порелевантен театарски чин.

Со својот флуиден режиски ракопис и со кондензираната актерска игра  психолошката драма „Добра ноќ, мајко“ на Метропол театарот од Тирана станува моќна, силна и впечатлива театарска претстава која ги покренува прашањата за местото и улогата односно за положбата на жената во современото општество. Тоа е реалистичен приказ без „разубавување“ на работите во кој свој значаен придонес имаат и останатите сценски сегменти, музиката, сценографијата и костимите. Најсублимирано кажано тоа е претстава за фаталниот момент кога „се гасне светлото!“ Мрак и крај. Потресно и жестоко во својата едноставност и сугестивност.

Жирито кое работеше во состав, Уљка Мујо од Албанија и Емин Аземи и Борче Начев од Македонија Одлучи за најдобра претстава на 13 – то издание на СКУПИФЕСТ да биде прогласена „Карневалите од Корча“ од Спиро Чомора, во режија на Алтин Баша, а во продукција на Националниот теата на Косово од Приштина; освен тоа, Жирито додели и две специјални признанија и тоа на Театарот „Взраждане“ од Софија за извебата на „Вујко Вања“ од Чехов и на актерот, Василиј Скиданов за улогата во претставата „Осамениот Запад“ од Мартин Мекдона, во режија на Сергеј Федотов, а во продукција на Театарот „Кај мостот“ од Перм – Русија.

Фестивалот заврши со претставата „Жени пред нервен слом“ на Театарот „Комедија“ од Скопје која беше одиграна во чест на наградените.

Leave a Reply