(„Добра ноќ, Мајко“ од Марша Норман; режија, Ема Андреа; продукција Метропол театар – Тирана; изведба на Скупифест – 2019 г.)

„Добра ноќ, мајко“ на Марша Норман, добитник на пулицеровата награда (1983) е силна и моќна психолошка драма која го привлекува вниманието на голем број актерки ширум светот заради извонредната можност што ја пружа за актерски креации. (Инаку, пиесата е поставувана и кај нас на сцената на Битолскиот театар).

Рековме дека таа е интерсна во прв ред за актерски креации, но таа е не помалку важна/ интересна и за режиска постановка. Во случајот на продукцијата на Метропол театарот од Тирана. Имено, режисерот, Ема Андреа создава особено флуидна претстава во која дијалогот и дејството имаат суптилни премини и трансформации, но со евидентен растеж/развој, до кулминацијата во последната симболична и метафорична сцена, кога „се гаси светлото“!

 Иако, станува збор, за сложените психолошки состојби на ликовите во едно семејство кое минува низ многу болни периоди кои оставаат трага на протагонистите и една патина која доведува до фатални последици.

Претставата започнува со главната поента, кога ќерката ќе и соопшти на својата мајка, дека оваа ноќ таа ќе се самоубие! Така и ќе заврши. Оваа едноставна реплика потоа режиски се развива во приказна која низ дијалогот на мајката и ќерката постапно и разложно како на филмска лента ќе го „премота“ нивниот живот со многу трауматично точки.

Реалистичноста во режискиот пристап, потем ја преземаат и актерките, Илире Винца и Јонида Беќо и тоа ќе биде главната одлика на нејзините креации. Во текот на претставата тие минуваат низ различни фази на меѓусебните односи, од банален разговор за многу, навидум, неважни нешта до егзалтација, па до кризирање. Во оваа смисла како сосем ненужни се чинат ретките моменти кога  која актерката која ја толкува Мајката, тоа ќе се обиде да го назначи преку движењата. Не, тоа е дијалог на две зрели жени за нивното длабоко страдање и неможноста да го најдат излезот што впрочем и ќе резултира со одлуката за самоубиство.

Инаку, ова е убав пример за актерска игра во која и обете се вешти во психолошкото боење на својот лик, во доловувањето на нивните емотивни состојби. Сето тоа прозвучува моќно, а ако сакате и потресно во својата смиреност. Значи на показ е редок актерски, студиозен пристап во креацијата на ролјите. Нивниот дијалог, но и нивното молчење (како во комедиите на Чехов) не соочуваат со современата положба на жената во општеството, нејзините преокупации, боледувања…

Значи, „Добра ноќ, Мајко“ на режисерот, Ема Андреа, актерките, Винца и Беќо,  и се разбира другите соработници (извонредната музика на Бојкен Љако и сценскиот дизајн, сцена и костими на Енио Шехи) е успешен и флуиден транскрипт на психолошката драма на М. Норман.

Leave a Reply