( „ Осамениот Запад“ од Мартин Мекдона; режија, Сергеј Федотов; продукција, Театар „Кај мостот“ – Перм – Русија; изведба на Скупифест 2019 г.)

 Театарот „Кај мостот“ од Перм е еден од поредовните учесници на Скупифест, а овој пат тие се претставија со пиесата „Осамениот Запад“ од Мартин Мекдона, истакнатиот ирски автор со светско реноме кон чие што творештво пак манифестираат посебен интерес и пиетет за што зборува и големиот број негови дела реализирани на нивната сцена. Впрочем, Мекдона е еден од најпостуваваните автори, како во светот така и кај нас, вклучувајќи и ја споменатата пиеса.

Режисерот Сергеј Федотов (кој е потписник и на сценографијата) создава специфични услови за реализација кои како да се истргнати од некоја друга театарска епоха иако станува збор за чумата на современото општество – осаменоста!

Преку, по многу нешта, традиционалните кулиси тој го обликува единствениот простор на дневната соба во кој се „препелкаат“ четирите ликови од ирската провинција односно паланка.

Така, атмоферата во претставата има блиски театарски референции со пиесите и ликовите на малите луѓе од руската губернија од Гогоиљевска провениенција. Има тука и хумор кој е „на издишување“, но хумор  кој ги заледува усните: црн и очаен. Осаменоста на Западот (а богами и на Истокот), се повеќе создава чудовишта, монструми, но со блазиран човечки лик!

Режисерот, Федотов, со ништо (освен можеби со музиката (Олесија Егорова), не ги навестува мрачните и таинстевени случувања, убиства, самоубиства. Притоа, режиската суптилност и вниманито за деталите се меша со цврстата и гранитна структура на постановката. Тоа е, всушност високо профилирана естетизација на злото кое е вешто вградено во сите сегменти на претставата.

Тука нема хоризонт и перспектива освен можеби небото и често повторуваните дестинации, рајот и пеколот. Без ни грам патетика, сосем дискретно ќе стане збор за современи и запрепастувачки феномени, како што се педофилијата, лицемерието на клерот, женскиот спортски клуб кој бестијално дивее и сл.

Да сумираме во случајот на „Осамениот Запад“ станува збор за режија за која жаргоно се вели дека е режија која „не се гледа“, а која мајсторски ги ткае разнобојните нитки во разбојот на сценскиот чин.

Повеќе од  евидентен е и придонесот на актерскиот ансамбл предводен од Василиј Скиданов и Владимир Илин во ролјите на двајцата браќа, Вален и Кулман Конор. Тие градат ликови на луѓе кои се постојано во кавга и судири и за мали и безначајни нешта. Постојано си подметнуваат меѓусебно разни пакости и зло. Ова особено доаѓа до израз кога отпосле ќе ги си ги признаат гревовите на едниот кон другиот, со задолжителното „ Извини!“ Во ролјата на Пасторот, Велш кој и самиот е длабоко„забеган“ и западнат во алкохолизам, кој го осудува чинот на самоубиството како богохулие за потем и самиот да се самоубие, настапува Илија Бабошин. Ролјата на девојката – шверцер ја толкува Марија Новиченко. Тие оставаат впечаток на уигран актерски квартет, синхронизиран и сценски продуктивен.

Западот останува непоправливо осамен, беден, напуштен, изгубен…Тоа е онтолошка осаменост филигрански преточена во сценски чин во кој се бриша разликата помеѓу фикцијата и стварноста! Тоа е претстава со горчлив вкус и невесела перспектива…

Leave a Reply