( „Карневалите на Корча“ од Спиро Чомора; режија, Алтин Баша; продукција, НТК од Приштина; изведба на Скупифест, октомври 2019 г.)

13 – то издание на меѓународниот театарски фестивал Скупифест беше отворено со претставата „Карневалите на Корча“ од Спиро Чомора, а во режија на Алтин Баша. Станува збор за дело од битова драматика со многу пеење (дејството се одигрува за време на подготовките на трупата за учество на престојниот карневал), а зборува за локалните газди Николиќ и Олимби и нивното обичајно право да ги одредуваат браковите на своите деца. Настануваат разни заплети и судири кои предизвикуваат смешни и комични ситуации заради генерациските судири помеѓу протагонистите.

Режисерот, Баша на оваа битова драма приоѓа со истенчено чувство за стилизација во напорите да изгради претстава која ќе реферира на сензибилитетот на современиот гледач. Во тоа во голема мера успева заедно со своите соработници. Сценографијата и костимографијата се на Илириана Љоџа Баша, а музиката на Тримор Доми. Сценографијата со малку елементи (маски и подвижна централна платформа на која и пред која се одигрува дејството), како и раскошните костими упатуваат на врската на оваа лирска комедија со италијанската Комедија дел арте.

 Во целината на претставата провејува еден медитерански дух кој на крајот ќе кулминира во музичките куплети, при што актерскиот ансамбл манифестира завидна вокална интерпретација, а сцената е визуелно збогатена со маските и костимите на ликовите од споменатата Комедија дел арте, кловнови, шутови. Се на се, пред нас се одигрува една типична карневалска атмосфера, како што впрочем и гласи насловот на претставата.

Во целината на актерскиот ансамбл нема слаба алка иако бележиме блага доминација на женскиот дел од истиот. Посебно, го одбележуваме актерот кој го толкува диригентот (но кој се наоѓа и во разни други улоги), како и придонесот на Адем Карага од Албанскиот театар од Скопје.

Овој премин или спој/врска помеѓу домашната битова драма и италијанската ренесанса, режисерот Баша го спроведува суптилино и вешто донесувајќи многу забава и ведрина која зрачи од сцената. Претставата го лоцира градот Корча како место со космополитски дух и култура.

Можеби, единствена забелешка може да се стави на предолгата експозиција на дејството во првиот дел на претставата во кој како да има празен од и извесно паѓање на ритамот и темпото.

Во секој случај драмскиот ансамбл на Националниот косовски театар од Приштина ни приреди една ведра и забавна театарска вечер.