(„Вујко Вања“ – Чехов; режија, Григор Антонов; продукција, Театар Вазраждане – Софија, изведба на СКУПИФЕСТ – 2019 г.)

Антологиската „Вујко Вања“ на Чехов овој пат  режисерот Григор Антонов и актерскиот ансамбл на Софискиот театар „Вазраждане“ ни ја понудуваат во една камерна варијанта. Режисерот Антонов настојува на мал простор да ги згусне сите случувања во оваа трогателна комедија на Чехов. Уште почетната музичка подлога (Христо Намлиев), навестува дека станува збор за тегобна и мачна состојба во која ќе бидат „уловени“ ликовите на Чехов. Притоа, Антонов ги избегнува големите егзалтации и широкиот план на транспарентно дејствување, туку остава работите да „…течат по својот тек“ (Бекет). Во овој контекст тој гради претстава на суптилни и болни, но бавни и скоро депресивни движења на протагонистите. Во секого од нив се подготвува по некоја „бура“, како впрочем и она што се навестува надвор. Значи, на мал, камерен простор се обликува претстава на состојби и на атмосфера, простор кој се исполнува со емоции и страсти кои меѓуебно се разминуваат, се преплетуваат.

Неколку точки во оваа постановка се доминанти.

 Тоа се, заспаноста и летаргичноста на руската провинција од крајот на 19 – от век, пробивот на свесноста на интелектуалецот Астров и неговите ламентации за екологијата и најпосле тука се и неизбежните љубовни судири при што, уште еднаш се потврдува константата кај Чехов, за тоа, дека сите се заљубени, но најчесто во погрешниот/та.

Значи останува само копнежот и по неостварената или загубена љубов, но и мечтите за подобар живот, па макар тоа било и на „оној свет“ ( тоа е убаво доловено преку последната сцена меѓу Соња и Војницки-Вујко Вања!)

Софискиот драмски ансамбл понудува една солидна, строго „дозирана“ креација на ликовите кои повеќе кажуваат со своето молчење отколку со своето говорење успевајќи така да го задржат вниманието на гледачите и да изнудат сомилост  во врска со своите несреќни ликови. Иако на камерен/ограничен простор претставата прозвучува моќно и делотворно. Инаку, својот придонес во оваа, на места дубиозна поделба, го даваат актерите, Свејен Младенов, Роберт Јанакиев, Јана Рашева, Викторија Николова, Георги Златарев, Ивет Радулова, Гергана Кофарџиева, Бојан Младенов и Јордан Русин…

-Тодор Кузманов